Во новиот Закон за служба во армијата правила за политичко дејствување на воените и цивилните лица
Новите измени на Законот за служба во армијата ќе донесат правила за политичко дејствување на воените и цивилните лица. Се регулира отпремнината за професионалните војници кои ќе навршат 45 години и за стипендирање на професионални кадри потребни на армијата...

Со измените на Законот за служба во армијата се регулира членствотo на воените лица во политичките партии, со цел политиката да не се меша во армијата, брифираа од Министерството за одбрана. Предлагачот предвидува дека воениот и цивилниот персонал во армијата не смее да раководи, застапува и претставува политичка партија и да биде член на партиските органи.
Додадениот член во Законот за служба во армијата е по терк на слична одредба во Законот за внатрешни работи од 2009-та и 2014-та година. Измените се однесуваат на професионалните војници кои по наполнување на 45-години ќе можат да добијат отпремнина во висина од 1.000 евра од секоја година во службата или да преминат на работа во други државни институции.
Во последната година од службата, професионалните војници нема да бидат подложни на проверки и оценувања како помладите колеги. Се предвидува измени во начинот на унапредување на воените старешни на работа во Генералштабот и Министерството за одбрана, со што им се овозможува да добијат повисок чин.
Се предвидува можност за пензионирање на воените лица кои немаат доволен број на години или стаж. За пополнување на армијата со потребни кадри со критични специјалности за армијата, како инжинери, доктори и слично, ќе се врши нивно стипендирање за време на студирањето и наградување за покажан успех при студиите. По нивното дипломарње, овие лица ќе бидат вработени во армијата и ќе треба да останат во служба определен број години.
Измените на Законот за служба во армијата по редовна постапка треба да бидат донесени до мај.
Ирина Гелевска
