Една година без свадби
Една година ниту оро, ниту фрлен бидермаер. Младите ги убива неизвесноста кога ќе може да се развеселат за нивната љубов, угостителите чекаат кога пак ќе заработат...

Поради корона вирусот веќе една година во рестораните ниту се заиграло оро, ниту е фрлен бидермаерот. Идните младенеци се јавуваат кај сопствениците на рестораните и прашуваат дали можеби имаат информација кога би можеле годинава да закажат свадба, дали можеби имаат информации колку гости би можеле да поканат.
Овие информации и требаат и на Марија Синадиновска- Арсовска, сопственик на објект за организирани прослави. Вели, салите се затворени, но не и сметките. Кирии, комуналии, даноци, секој месец си течат. Сака протоколи за работа.
Повеќе работа сакаат и сопствениците на фотостудијата. Гордана Анѓелова, вели за 90 проценти и е намален обемот на работата. Од фелата очекуваат дека ќе влезат во петтиот пакет владини мерки, додека не почнат поинтензивно да добиваат ангажмани.
Не само објектите за организирани прослави и фотосудијата, едвај преживуваат и цвеќарниците. Помош добиле само еден месец. Даниела Андреевска – Лазетиќ вели, секоја помош е добредојдена, но тоа не е решение.
Кога ќе има свадби и повеќе работа, очите на сопствениците на објектите за организирани прослави, фото- студија, цвеќарници се вперени во Комисијата за спречување на заразни болести. Бидејќи полека, но сигурно времето истекува.
Наташа Јанчиќ Менковски
