Преку КОВАКС за Македонија 103.200 вакцини против Ковид-19, испораката кон крајот на февруари
Преку КОВАКС механизмот, Македонија ќе добие 103.200 дози вакцини против Ковид-19...

Преку КОВАКС механизмот, Македонија ќе добие 103.200 дози вакцини против Ковид-19, од вкупно 337,2 милиони, кои оваа Иницијатива на ОН планира да ги испорача во првата половина од годинава во 145 земји во светот.
КОВАКС ќе покрие трошоци за набавка на вакцините за 92 сиромашни земји, додека другите ќе ги добијат по пристапни цени. Меѓу земјите во регионот, преку овој механизам Србија ќе добие најмногу – 345.600 дози, потоа Босна и Херцеговина – 177.000, Албанија – 141.600, Македонија – 103.200, Косово 100.800 и Црна Гора 84.000 дози вакцини.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека месецов вакцинацијата ќе почне со 200.000 кинески вакцини. Датумот на испорака на вакцините ќе биде познат деновиве.
Додека се чекаат вакцините, состојбата со КОВИД-19 во државата и натаму се стабилизира. Вчера беа регистрирани 373 нови случаи од 2.107 тестирања. Починаа седум лица, а регистрирани се 638 оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 93.882, бројката на оздравени пациенти е 83.424, на починати е 2.900, а бројот на активни случаи изнесува 7.558. Најмногу активни случаи има во Скопје-3802, во Охрид – 411, Кавадарци – 379, Куманово – 311. Во другите градови во моментов има под 300 позитивни на коронавирусот.
