Дрвокрадците го уништуваат шумското богатство на Јабланица
Дрвокрадците продолжуваат да го уништуваат шумското богатство на Јабланица. Полицијата во неколку наврати одзеде голема количина дрво и разновидни транспортни средства. Локалните жители стравуваат и од загадување на изворите кај Горна Белица и најавија блокади, доколку не се укинат концесиите за стопанисување со шумите...

Дрвокрадците ги соголуваат шумите на Јабланица. Жители на околните села, но и од соседна Албанија преку границата потојано вршат нелегална сеча. Трговијата со дрва на „црно“ со години е добро организиран бизнис во овој крај, од кој добро се профитира.
Полицијата во неколку наврати одзеде голема количина дрвна маса, која нелегално се транспортирала од планинскиот појас на патот Струга Дебар. При секоја заплена на дрвокрадците им се одземаат коњи, џипови, камиони, алат за сеча и огревното дрво.
„На регионалниот пат Струга- Дебар, кај Мороишки мост каде што полициските службеници при конторла застанале камион целиот натоварен со огревно дрво кој што всушност беше нежигиран и без соодветна документација за овој транспорт. Последниот случај беше на локалниот пат Струга- Белица“ , вели Стефан Димоски.
Активистите од Здружението за екологија „Натура лаб“ од Лабуништа загрижени, велат пустошењето на шумите им предизвикува поплави и опасност од свлечишта. Ги обвинуваат концесионерите за голосек во буковите шуми на Јабланица.
„Со самото сечење селото се изложува на голема опасност . Од самите дождови имаше големи штети, а тоа е поради неконтролираната сеча ем немаме дрва, ем имаме поплави, а преку лето сушата си го прави своето“, вели претседателот на „Натура лаб“ од Лабуништа.
Лабуништани стравуваат и од загадување на изворите кај Горна Белица, од март повторно најавија блокади и протести доколку не се укинат концесиите за стопанисување со шумите.
Соња Рилковска
