Објавена методологијата за спроведување на пописот
Државниот завод за статистика ја објави методологијата со која ќе се врши најголемата статистичка операција. Преку комбиниран модел со 5.500 попишувачи на терен, и користење неколку бази на податоци, во статистика велат дека ќе дојдат до квалитетни податоци за натамошно креирање на политиките за земјата. Не ги коментираат изјавите на политичарите, но велат ако има бојкот на пописот, би било на штета на самите граѓани...

Попишувачите од врата на врата ќе ги попишуваат граѓаните со лап топ во кој софтверот ќе ги исфрла нелогичните одговори. Заводот за статистика ја објави методологијата на пописот која ќе биде комбинирана, со попис на терен, но и користење на осум бази на податоци.
Директорот на статистика, Симовски посочи дека лицата во надлежност министерствата за правда, надворешни, труд и одбрана ќе се попишуваат или самопопишуваат од први до 15-ти март. Во статистика одбиваат да ги коментираат изјавите на политичарите за одложување на пописот или за можен бојкот.
Пописот според предвиденото ќе се одржи од први до 21-ви април, со 5.500 попишувачи, најчесто по еден, освен во мешаните средини, кадешто се можни и двајца. Ќе се формираат 50 комисии на пописни реони, а 150 државни инструктори ќе ја имаат главната улога во попишувањето на резидентното и нерезидентното население.
Се очекува и протоколот за безбедност од здравство поради специфичните услови на пандемија во која ќе се спроведе пописот. Статистика има шест месеци за објавување на резултатите, но според Симовски можно е да бидат објавени и за три, за разлика од последниот пред 19 години кога на нив се чекаше и година и половина.
Миле Ристеси
