Се реновира Здравствениот дом во Куманово

18.03.2014 10:31

Во првиот дел од проектот за реновирање се санитарните јазли во четири оддлени згради, а установата за таа намена одвои над два милиони денари...

Старите дотраени плочки, вратите, прозорците и подната подлога ќе бидат заменети со нови во Здравствениот дом во Куманово. Во првиот дел од проектот за реновирање се санитарните јазли во четири оддлени згради, а установата за таа намена одвои над два милиони денари.

„Овој пат комплетно ќе ги обновиме санитарните јазли во сите четири објекти со нова керамика и сите пропратни елементи. Имаме уште еден тендер за обнова кровна конструкција и наскоро ќе започне реконструкција на покривот на зградата во амбулантата Тоде Мендол“, информираше Миомир Панковски, директор на Здравствен дом Куманово.

За здравствените работници ова ќе значи повисоко ниво на хигиена кое е неопходно во една установа  и подобри услови за работа.

„На овој начин установата ќе добие нов имиџ, менувајќи ја старата слика која граѓаните ја паметат. Има уште работи кои треба да се направат за да добиеме модерен здравствен дом и се надевам дека набрзо и тоа ќе се случи“, вели Валентина Вукоевска-Димитриевска, лекар во Здравствен дом Куманово.

Модерниот амбиент во амбулантите и целокупниот изглед е предуслов за поквалитетни здравствени услуги сметаат граѓаните.

„Се што се гради и е ново е добро.Треба да се вложува во здравствените установи и надлежните да се трудат да има поквалитетно јавно здравство“ –вели еден граѓанин на Куманово.

Во амбулантите Перо Чичо, Тоде Мендол, Школска амбуланта и Здравствениот дом работат околу 170 здравствени работници.

 

Габриела Димковиќ