Повторно висок број заразени со Ковид-19 во тетовско
Последниве неколку недели повторно се евидентира висок број на заразени со Ковид-19 на тетовското подрачје. Моментално се хоспитализирани 20 пациенти, речиси сите со тешка клиничка слика. Од Клиничката болница Тетово, се надеваат дека бројот ќе се намали, во спротивно ако модуларната болница не биде завршена, на располагање ќе бидат ставени други одделенија за згрижување на пациенти…

Изминативе пет дена се евидентирани близу 100 позитивни случаи со Ковид- 19 на тетовското подрачје, бројка која ги загрижи здравствените работници, ако се земе предвид дека состојбата беше стабилизирана по новогодишните и божиќните празници, кога поради гужвите и печалбарите сите очекуваа голем раст на инфицирани.
Од Ковид центарот се надеваат дека бројот ќе се намали, но се подготвени и на најлошо сценарио, ако граѓаните не внимаваат и не ги почитуваат мерките.
„Моментално капацитет за болничко лекување имаме, но во зависност од состојбата подготвени сме да пренамениме некои одделенија во Ковид центри, во случај изградбата на модуларната болница да не биде завршена“, вели д-р Нуредини.
Од Клиничката болница велат дека монтажниот објект со капацитет за 35 пациенти е речиси при крај. Останува да се постави подот и инвентарот.
Низ градот сѐ уште можат да се забележат граѓаните кои не ги почитуваат мерките и покрај големиот број на изречени казни од полицијата, и над педесетина на дневна основа.
Зоран Димовски
