Приведени креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ создадена пред една година
Приведени се креатарот и администраторот на „Јавна соба“. За нив е побаран притвор, информира Основното јавно обвинителство. Против двете лица е почната истрага за производство и дистрибуција на детска порнографија...
Креатарот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“ се приведени. Полицијата постапила по барање на Обвинителството. Против двајцата осомничени, на возраст од 21 и 32 години е поведена истрага за производство и дистрибуција на детска порнографија.
Во периодот од 19-ти декември 2019-та до 28-ми јануари минатата година, двете лица, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината која ја споделуваат членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле аудио- визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете- стои во соопштението од државното јавно обвинителство.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците или повторување на кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, побара притвор.
Од Основното јавно обвинителство информираат дека поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка, до овој момент не можеле да споделуваат информации со јавноста. Нагласуваат дека продолжуваат со проверки и на досегашните пријави од оштетени и жртви.
Обвинителството ги охрабрува граѓаните, овој и останатите слични кривично-правни настани да ги пријавуваат во Министерството за внатрешни работи.
За „Јавна соба“ неделава имаше и протестен марш за поддршка на жртвите, но и за да се изрази револт поради тоа што никој не е казнет.
Елена Георгиевска
