Од каде потекнуваат планетарно омилените шпагети?
Дали знаете дека шпагетите не потекнуваат од Италија иако денес се едни од најпознатите видови јадења препознатливи како италијанска кујна? Нивната историја е многу испреплетена. Постојат повеќе теории за нивното потекло...

Дали знаете дека шпагетите не потекнуваат од Италија иако денес се едни од најпознатите видови јадења препознатливи како италијанска кујна? Нивната историја е многу испреплетена. Постојат повеќе теории за нивното потекло, вклучувајќи ја и онаа според која Марко Поло ги донел шпагетите во Италија по своето враќање од Кина во 1295 година. Сигурно бил воодушевен од фините резенки од ориз, но теоријата дека ја донел и вештината за правење паста одамна е напуштена. Италијанската кујна во светот е прочуена по тестенините, а тие се составен дел на поголемиот број луѓе на планетава. Историјата на шпагетите или воопшто на тестенините е интересна .
Најверојатно за настанувањето на шпагетите, Италијаните треба да им заблагодарат на Арапите, барем кога се во прашање другите резенки од тестенини. Првите резенки кои се варат во вода за прв пат ги донесле арапските освојувачи во 7 век, на островот Сицилија. Суви отпорни на мувлосување, и секогаш подготвени за да ја нахранат војската, резенките или јуфките како што ги викаме, биле идеална храна за долгите патувања со бродовите со кои Арапите доаѓале на Сицилија. Тогашната арапска колонија градот Палермо станал познат по тестенините. Во тоа време шпагетите се јаделе без никакви други додатоци. Дури подоцна италијанскиот кулинарски гениј Бонвичино ја осмислил сочноста на пастата со разни сосови, но и облици на пастата. За најпопуларниот од сите сосови Италијаните морале да го чекаат 16 век, кога Шпанците од новооткриената Америка ги донеле доматите без кои денеска е незамисливо јадењето шпагети и други тестенини. Првиот пишан рецепт за паста во доматен сос потекнува од 1839 година. Денешната планетарна популарност на шпагетите, лазањите, и останатите тестенини се должи на италијанските емигранти во Америка кои масовно се населувале пред повеќе од еден век, го прошириле рецептот на цел континент а подоцна и на цел свет. Луѓето со задоволство ги прифатија шпагетите и другите резенки од тестенини без разлика на религија и боја на кожата.
Тајната на добрите и вкусни шпагети велат дека е во крупното брашно од пченицата дурум, полна со глутен, вода и сол. затоа се растегливи, но се препорачува да се јадат ал денте или не преварени, да се чувствуваат малку жилави под забите. Така всушност полесно се варат во желудникот. Ако се јадат веднаш по готвењето и топли не се измиваат во студена вода. Се премиваат само кога се додаток на салати. Всушност секој си ги подготвува како што му е вкусно, но некои се вистински мајстори за тестенини на сто начини.
Соња Стојановска
