Финансиската поддршка за плати продолжува, но ќе се менува моделот

06.02.2021 16:30

„Нема укинување на финансиската помош на компаниите за плати, но ќе се менува моделот“ вели вицепремиерот Битиќи. Отворен повик за кофинансирање грантови за технолошки развој. Ќе трае до шестти април. Буџетот е шест милиони евра. Целта е поддршка на домашните компании за справување со корона- кризата и зголемување на конкурентноста на странскиот пазар...

Финансиската поддршка на плати за најпогодените компании продолжува и со петтиот пакет економски мерки, вели вицепремиерот за економски прашања Битиќи. Посочува дека се разговара со Стопанските комори и работодавците. Моделот се финализира и се очекува да биде презентеран идната недела. Според Битиќи, со финансиската поддршка за плати во април биле опфатени 128 илјади вработени. Во декември бројката е преполовена. Со петтиот пакет се предвидува компаниите да добијат бескаматни кредити. Според податоците, околу 180 илјади граѓани имаат блокирани сметки, тие ќе бидат дел од мерката за бришење на каматите на долговите од јавните претпријатија .

Фондот за иновации со нов јавен повик од вкупно 11 кои се планираат за годинава. Според Петров, целта е да се обезбеди раст и конкурентност на компаниите, да се применат иновативни зелени технологии. Вредноста на повикот изнесува 6 милиони евра. Компаниите ќе добијат поддршка од околу 60 – 70 проценти, или од 2,5 до 10 милиони денари. Може да аплицираат и приватни здравствени установи.

Лани преку фондот за иновации и технолошки развој биле поддржани 266 компании кои добиле 20 милиони евра.

 

Дијана Ценевска