Заев го отфрли барањето на Мицкоски за избори
„Редовни избори треба да имаме во 2024 година, конечно треба да престанеме со предвремени“ – премиерот за барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата смета дека е премногу Македонија уште четири години да биде водена од Заев...

Предвремени избори нема да има, порача премиерот Заев по барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски тие да се одржат заедно со локалните во октомври. Шефот на владата смета дека предвремените избори ќе ја стопираат македонската економија. Редовните парламентарни избори се во 2024-та и треба да опстоиме на тоа, смета Заев.
„Државата има јасен правец по кој се движи, европеизацијата продолжува. Сите тешки одлуки што се донесоа во минатото беа заради економскиот стандард на народот, заради отворање нови работни места, да ги мотивираме инвеститорите да вложуваат во нови инвестиции и да отвораат работни места. На тој начин, да ги зголемиме извозот, бруто домашниот продукт на државата, а со тоа и благосостојбата на целиот народ. Секое предвремено истрчување на избори, ги кочи ваквите процеси. Редовните избори се во 2024 година и треба да опстоиме на тоа, а дотогаш треба буквално сите, почнувајќи од мене, претседателот на државата, извршната власт, општините, но и сите наши граѓани, да ги засукаме ракавите и да работиме. Само така ќе имаме голема плата, само така ќе има поголеми инвестиции, само така ќе има поголем извоз и само така ќе донесеме поголема среќа за целиот наш народ“, изјави премиерот Заев.
Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Четири години се премногу да се остави Македонија да биде предводена од владата на Заев. Од партијата сметаат дека парламентарното мнозинство е на стаклени нозе.
„Четиригодишен период со најкриминалната, најкопрумираната односно најкорумпираниот режим предводен од Зоран Заев, е преголем период за да се остави таква катастрофа за Македонија. Зоран Заев го нема владејачкото мнозинство, што се докажа при гласањето на интерпелацијата за Димитров каде на власта и недостигаа 7 пратеници“, рече портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски.
Од 2008-та досега, во земјава имало четири предвремени парламентарни избори.
Ирина Гелевска
