Во градинките сѐ помалку места за деца

07.02.2021 17:05

Од една страна протоколите, од друга страна потребите за место повеќе во градинките, ги става во неповолна состојба првите луѓе на предучилишните установи. Потреба за зголемување на бројот на деца има речиси во сите градови низ државата. Комисијата за спречување на заразни болести засега останува на утврдените протоколи...

И во скопските, и во градинките низ земјава речиси и да нема слободни места за прием на деца. Мајките на кои им завршува породилното отсуство, се исправени пред сериозен проблем. Во велешката градинка „Димче Мирчев“, има само дваесет слободни места. Оттаму велат – за два дена пополнета група отворена во почетокот на оваа недела.

И во штипската градинка „Астибо“ речиси и да нема слободни места. Со септемвриските протоколи, капацитетите на градинките се намалени за околу 30 проценти.

Од една страна ковид протоколите, од друга страна родителите. Менаџерите на градинките во незавидна состојба.

Директорите на детските градинките барале решение од ресорното министерство, а министерството од Комисијата за спречување и заштита од заразни болести. Оттаму добиле препорака дека иако состојбата со КОВИД- 19 во детските градинки е стабилна во овој момент, таа треба да остане иста согласно со Протоколот за згрижување на деца.

Како Министерство, продолжуваме да ги почитуваме препораките на Комисијата, како тело кое е стручно за справување со коронавирусот КОВИД-19, стои во соопштението на Министерство за труд и социјална поитика.

Иако бројот на новозабоолени во однос на тестирани се движи од 10 до 15 проценти, од комисијата нема сигнали за олабавување на мерките во предучилишните установи. Во Македонија за пет месеци, колку што работат градинки по ковид протоколи, околу деведесет деца и шестотина вработени биле позитивни на корона вирус.

Наташа Јанчиќ Менковски