МТВ на терен со МВР и инспекцијата

07.02.2021 16:41

Кога некаде ќе се стави клуч на врата поради непочитување на мерките, свесноста се зголемува, па периодот потоа поретки се и санкциите. Полициските службеници и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат се на терен. Проверуваат дали во угостителските објекти се почитува обврската за работно време до 21 часот...

Три угостителски објекти од Куманово изминатиот месец се затворени, бидејќи работеле над дозволеното време, информираат од Државниот пазарен инспекторат. Според податоците на Секторот за внатрешни работи кој досега извршил 1.782 контроли, од почетокот на пандемијата во Куманово и Липково вкупно шест кафулиња и ресторани ја прекршиле оваа одлука.

„При контрола на истите биле затечени повеќе лица, поради што на сопствениците на угостителските објекти им биле поднесени соодветни пријави“, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Поради ова екипата на македонската телевизија одлучи да излезе на терен заедно со полициските службеници од СВР Куманово, како и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, за да забележиме колку угостителите се придржуваат до здравствените прописи и протоколи.

На само 5 минути до 21 часот полициските припадници посетија еден од локалите во кумановската населба Бедиње. Локалот речиси е празен, последните гости заминуваат.

Се упативме кон липковските села Опае и Слупчане. Од увиденото на терен сопствениците на угостителските објекти го почитуваа законот, односно по 21 часот локалите беа затворени. Државниот пазарен инспекторат во Куманово и Липково досега извршил контрола во над 100 правни субјекти.

„Тоа што можете да го видите и вие на терен со нас дека се почитуваат протоколите што нас многу не радува, бидејќи она што е наша цел е заштита на населението од заразни болести  а воедно и почитување на одлуката и законот“, посочи Александра Котели, Државен пазарен инспекторат.

Од Државниот пазарен инспекторат, но и од Секторот за внатрешни работи Куманово апелираат правните субјекти да ги почитуваат законите, протоколите и препораките донесени од Владата, со цел што побргу да заврши оваа кризна состојба.

 

Елена Георгиевска