Матурантите го прекинуваат бојкотот

08.02.2021 10:18

Минатата недела претставници на Сојузот на средношколци имаа средби со сите пратенички групи и очекуваат дека ќе биде поддржан предлогот за измени на законот, со што ќе се исполни нивното барања за скратување на државната матура и наместо по четири да полагаат испити по два предмета.

По 12 дена бојкот, матурантите организирани од Сојузот на средношколци денеска се враќаат на настава. Генералното собрание на Сојузот во четвртокот донесе одлука да го стави во мирување бојкотот и да се почека Парламентот да најде решение, откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образование.

Минатата недела претставници на Сојузот на средношколци имаа средби со сите пратенички групи и очекуваат дека ќе биде поддржан предлогот за измени на законот, со што ќе се исполни нивното барања за скратување на државната матура и наместо по четири да полагаат испити по два предмета.

Претседателот на средношколски сојуз рече дека до крајот на февруари ќе ја следаат наставата и ќе чекаат Собранието да го прифати и изгласа нивното барање, а ако тоа не се случи најави дека ќе постават шатори пред Министерството за образование и наука.

МОН не отстапува од актуелниот концепт за државна матура. Ставот на ресорното министерство е дека има и законска обврска да овозможи полагање на државната матура, зашто над 14 илјади матуранти во законскиот рок веќе се пријавиле за државна матура и ги избрале предметите по кои ќе бидат тестирани.