Станови и автомобили најпродавани на лицитација
Со правосилни судски пресуди на оние кои го прекршиле законот најчесто им се одземаат станови, куќи, луксузни возила, накит, скапи часовници. На лицитација се добива нов сопственик. Годишно се одржуваат десетина. Најголем интерес за јавно наддавање има за новите автомобили, парцели, земјиште и викендици...

Станови, куќи, луксузни возила, накит, скапи часовници. Широк е дијапазонот на предмети и имот што со правосилни судски пресуди им се одзема на оние кои се огрешиле пред законот. На лицитација добиваат нов сопственик. Најголем интерес за јавно наддавање има за новите автомобили, парцели земјиште и викендици.
Годишно се оддржуваат десетина лицитации. Само во јануари се продадоа пет станови во Скопје, со што во Буџетот се инкасираа половина милион евра. Се продаваат и повеќе од 300 хаварисани возила.
Дали еден имот ќе се конфискува одлучува судот. Одземениот имот стекнат на криминален начин се продава или го користи државата. На овој начин, парите обезбеди со криминално богатење се враќаат назад во Буџетот на државата.
Бавните судски постапки се честа причина за спонтано обезвреднување на одземениот имот кој скапува во депоата и губи од својата вредност. Па така, кога ќе дојде на лицитација неговата продажна цена е многу пониска од онаа што ја имал кога бил запленет. Анализата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата покажува дека во периодот од 2015 до 2019-та година изречени се 45 конфискации од кои само 8 за предмети поврзани со корупција. Проценетата штета изнесува од половина до 10 милиони денари.
Државните институции користат околу 600 возила запленети со конфискација и со тоа заштедите во Буџетот се околу 2 милиони евра.
Анита Димитријевска Велковска
