Општина Тетово со години тоне во долгови
Општина Тетово повеќе од една деценија тоне во големи долгови. Таа е најзадолжена локална самоуправа, но парите наместо за решавање на главните проблеми ги троши за големата и гломазна општинска администрација...

Купишта отпад, сообраќаен и урбан хаос, загаден воздух се главните проблеми кои тетовци ги мачат со децении. Но, наместо решение тие од година в година, се сѐ поголеми и посложени. Општинските пари наместо во реализација на проекти за подобар живот очигледно завршуваат на друго место, затоа што на терен не гледаме дека нешто се работи, се жалат тетовци.
Тетово освен во комунални и инфраструктурни проблеми се дави и во големи долгови. Последните податоци на Министерството за финансии заклучно со третиот квартал од 2020 година, говорат дека општината има долг од 9,4 милиони евра и е на врвот во Македонија по задолженост.
Во меѓувреме долгот расте, но тоа не треба да нѐ загрижува, вели првиот човек на Општина Тетово, Теута Арифи. Според неа, тоа било државен и светски тренд, а ние треба да бидеме дел од тие политики.
Долгот, вели таа, е и резултат на бројната општинска администрација, која не треба да се крати, туку да се најде решение на централно ниво.
Од општина која помагаше на другите соседни локални самоуправи, Тетово стана лидер по задолженост поради неодговорното и недомаќинско работење на сите досегашни градоначалници, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.
Долгот на општината се зголемува како што се зголемува и општинската администрација, каде одредени проценки говорат дека има над 500 вработени или речиси двојно поголем број на административци од поголеми општини во Македонија, како Куманово или Битола.
Зоран Димовски
