Снежно невреме во Европа
Обилни снежни врнежи ја погодија југоисточна Англија. Снегот на места достигна и до 30 сантиметри. Студеното време се очекува да трае до крајот на неделава. Германија и Холандија и натаму остануваат завеани. Сообраќајот е во застој, а децата не одат на училиште...

Голем дел од источна и југоисточна Англија беше покриен со снег во текот на викендот. Бурата „Дарси“ донесе леден воздушен бран од Русија и снег кој на места достигна и до 30 сантиметри. Во некои области беа затворени центрите за вакцинација, принудувајќи многумина да си одат дома без да ја примат вакцината за коронавирус.
„Требаше да се вакцинирам попладнево во 16 часот. Ризикував бидејќи времето се влошуваше и си помислив, ќе одам.“
„Јас сум пензиониран и можам да дојдам во кое било време. Затоа не бев загрижен многу.“
„Малку сум разочарана бидејќи не испратија порака. Тоа е многу лесно за секого.“
Издадено е жолто метео предупредување за снежни врнежи низ целата земја и портокалово предупредување за делови од централна Шкотска.
Властите издадоа сериозни предупредувања за времето за јужна Англија бидејќи обилниот снег и мразот предизвикаа проблеми на патиштата и железниците.
Студеното време се очекува да трае до крајот на неделава.
Германија и Холандија и натаму завеани
Германија и Холандија и натаму остануваат завеани. Сообраќајот е во застој, а децата не одат на училиште. Поради обилните врнежи, бројни камиони останаа заглавени на патиштата во Германија, дел од автопатот на северот од земјата е затворен. Граѓаните излегоа да ги расчистат улиците.
„Забавно е да се чисти, и уште поважно останувате во добра форма додека го правите тоа. Ова е нормално, но станува се постудено и тогаш се јавуваат проблеми. Ако снегот се зацврсти и натежне тогаш прави проблеми на покривите. Ќе видиме.“
„Очекуваниот хаос не се случи. Метеоролозите предвидуваа снег во височина и до еден метар. Фала му на бога што не се случи тоа.“
„Никогаш не сум видел волку снег. Ова е фантастично.“
„Ппоради коронавирусот работам од дома секако. Токму поради тоа ова е забавно за нас.“
Железничкиот сообраќај е запрен во делови од централна и северна Германија. Во Холандија, пак, сообраќајот е ограничен.
Учениците во основните училишта требаше да се вратат во училишните клупи по локдаунот кој почна во очи Божик на 24 декември, но поради лошите временски услови многумина останаа дома.
Марина Ристова
