Гран-при за децата од Шри Ланка на „Мал битолски Монмартр“
Малите ликовни творци од Шри Ланка се добитници на гранд-при наградата на последната ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. Овој наш детски светски амбасадор се шири во се повеќе земји во светот, пренесувајќи ја пораката за љубов меѓу народите...

На два месеци до почетокот на 33-та битолска ликовна колонија, наградите се веќе познати. Највисокото гран-при признание патува кај ликовните творци од Коломбо, Шри Ланка.
Од 15.000 пристигнати цртежи, од 28-те земји во светот нивната колекција отскокнуваше и по квалитет и по новината што ја понудиле, беше едногласна одлука на меѓународното жири.
„Нивната колекција понуди она што ние го бараме- новина. Прекрасниот колорит, идејните решенија на тие мали деца оставија силен впечаток иако во конкуренција беа уште неколку прекрасни колекции“, вели раководителот на детското студио „Св. Кирил и Медодиј“, Коста Хаџиантоновски.
Но она што е позначајно е фактот што битолскиот детски фестивал од година во година ги зголемува светтските симпатии. Шри Ланка, Тајванд, Индонезија, Индија се само дел од земјите што годинава за прв пат ќе учествуваат. Ликовната магија која од еден друг аспакт покажува зошто малите ликовни творци го носат и епитетот „Македонски ликовни амбасадори“.
„На сечија пратка што пристигнува пишува Република Македонија. Тука е големото значење што и го даваат на ликовната колонија, на оваа мала земја која сака да ги шири братството и љубовта низ целиот свет“, вели ликовниот педагог Коста Хаџиантоновски.
А нивната порака секогаш е едноставна и се чита од нивните дела. Во тој дух ќе творат и на престојната мајска ликовна колонија на која ќе учествуваат над сто деца од петнаесетина земји во светот.
Стевче Митревски
