Од каде потекнува кафето и како станало најраспространета напивка на светот?

08.02.2021 15:06

Кафето после водата е пијалок кој најмногу се консумира во светот. Векови наназад оваа напивка влегла во сите пори од животот, ширум планетата. Вистина е дека и ние не можеме без кафе, но далеку од тоа дека сме најголеми консументи на кафе во светот. Земјите во кои се консумира најмногу кафе се Финска, Норвешка и Исланд. Но татковината на кафето е Африка, поточно провинцијата Кафа во Етиопија. Ќе ви раскажам кратка историја за кафето...

Татковина на кафето е Африка. Попрецизно, провинцијата Кафа (Kaffa) во Етиопија. И денес во тоа подрачје и во лето и во зима цвета дивото дрво на кафето со чудесен мирис и со бели цветови слични на јасминот кои даваат црни плодови. Секој од плодовите е со големина на вишна, а во него се наоѓаат две семки. Тоа се зрната кафе.

Постои легенда дека кафето го открил некој овчар кој забележал дека овците му се многу активни, откако ги брстеле жбуновите на кафе. Овчарот се решил да го сподели своето искуство со старешината на локалниот манастир.Тој го проверил дејството на зрната кафе по што доживеал неверојатно искуство и веднаш нашол примена за ова откритие. Чајот од зрното кафе и листови им помагал на монасите да ги издржат долгите ноќни молитви. Па така, благодарејќи на “разиграните овци”, љубопитниот овчар и вештиот манастирски старешина, откриено е кафето.

Од Африка кафето е пренесено во Арабија -Јемен. Овој напиток почнал брзо да се шири, но неговиот пат ни малку не бил лесен. Растечката популарност на кафето меѓу муслиманското население било причина поради која свештенството се свртило против него. Па така, забележано е дека во 1511 година, управникот на Мека наредил да се затворат сите кафеџилници и го забранил пиењето кафе. Но и покрај тоа, кафето сепaк станало најомилениот појалок на Арапите.

Волшебните зрна, без обзир на забраните, го продолжиле својот пат-од Блискиот Исток во Турција. Во средината на 16 век во Константинопол се отвараат многубројни кафеџилници со многу поклоници на кафето. Популарноста на кафето му пречела на свештенството, по што владата на Отоманската Империја одлучила да ги затвори сите кафеџилници. Биле донесени и остри казни за сите кои пиеле кафе. Но, без оглед на се, кафето се пиело илегално.

Султанот Сулејман II ја сфатил бесмисленоста од забраната па ја укинал. Во меѓувреме турските дипломати го ширеле “митот” за кафето и во другите земји, па така и Европа се запознала со чудесниот напиток кон крајот на XVI век. Во следниот век, кафето веќе се вкоренило во европската култура.

Првата шолја кафе во Италија била направена по заслуга на папскиот амбасадор Вале кој живеел во Персија каде ги дознал тајните на неговата подготовка. Првата италијанска кафеџилница била отворена во Венеција во 1626 година.

Во Англија кафето било пренесено од некоја еврејска свештеничка од Отоманската Империја која во 1652 година ја отворила првата кафеџилница во Лондон, а за 50 години во Англија биле отворени преку 3000 кафеџилници.

Во тој период кафето се појавило и на дворот на францускиот крал Луј XIV. Тој добил дрвце за подарок, а неговите ботаничари успеале да одгледаат нови стебла на островот Мартиник. По 10 години никнале првите плантажи со кафе. Луј XIV ја засакал оваа напивка и го одобрил неговото конзумирање со специјален проглас во 1664 година.

Потоа кафето било пренесено во Јужна Америка и станало особено тесно поврзано со Бразил и градот Сантос кој прераснал во главен светски град на кафето.

Патувајќи по целиот свет, кафето станувало се пораспространето и попопуларно. Меѓутоа, кафето во Европа продолжило да се пробива тешко, често забранувано, а најмногу му се противеле религиозните институтции.

Врз кафето биле наметнувани најразлични даноци и такси, но и покрај сѐ кафето успеало да прерасне во еден од најпопуларните појалоци во Европа.

Денес кафето претставува најраспространетиот пијалок во светот со преку 2,25 милијарди шолји конзумирани на ден и втора најтргувана стока во светски рамки, веднаш зад нафтата.

Соња Стојановска