КОВИД-19

Светот со различни одлуки за вакцината на „АстраЗенека“

09.02.2021 13:18

Поради недостиг од доволно информации, со вакцината на „АстраЗенека“, Германија, Франција и Австрија нема да вакцинираат лица на возраст над 65 години. Во меѓувреме, дел од европскиоте земји ги вклучија мигрантите и бегалците во програмата за имунизација...

Европа продолжува, а Јужна Африка ја прекинува вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“ поради ниската стапка на ефикасност против јужноафриканскиот вид на коронавирусот. Наместо неа, во јужноафриканската земја ќе се користат производите на „Џонсон и Џонсон“ и „Фајзер“ сè додека не добијат препорака од научниците за тоа како да постапат со вакцината „АстраЗенека“.  За најопасни мутации се сметаат британскиот, јужноафриканскиот и бразилскиот вид.

„Ефикасноста беше околу 20-22%, толку ниска. Неетички е да користиме таква вакцина. Истражуваме за да добиеме повеќе податоци околу заштитата од сериозна инфекција, хоспитализација, тоа е прво. Постои можност вакцината да се користи во комбинација со друга“, изјави професор Бери Шауб, претседател на Советодавниот одбор за вакцини.

„Бионтек“ и „Фајзер“ соопштија дека нивниот производ е ефикасен во борбата против мутациите во Јужна Африка и Кент.

Поради недостиг од доволно информации, со вакцината на „АстраЗенека“, Германија, Франција и Австрија нема да вакцинираат лица на возраст над 65 години. Во меѓувреме, дел од европскиоте земји ги вклучија мигрантите и бегалците во програмата за имунизација. Обединетото Кралство најави партнерство со германската фармацевтска компанија.

„Склучивме ново партнерство со „Кјурвак“ за развој на вакцини кои брзо ќе се приспособат на новите видови веднаш по нивното идентификување, исто како што правиме со грипот секоја година“, рече Мет Хенкок, минитсер за здравство на Обединетото Кралстово.

Во меѓувреме, Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека се завршени консултациите со Рускиот директен инвестициски фонд  (РДИФ) така што може да се поднесе апликација за регистрација на вакцината во ЕУ. Во Србија денеска пристигнаа 50 илјади дози од „Спутник 5” за масовната ревакцинција на жителите.

Тимот на СЗО ја финишира истрагата за потеклото на ковид-19 во Вухан. Пред да бидат објавени, податоците ќе се анализираат со консултации со кинеските стручни лица. Екипата во која има експерти од 10 земји заминува од Вухан в среда. Утврдувањето на потеклото на новиот коронавирус може да трае со години.

 

Маја С. Филдишев