Заев: Има потенцијал за поголема регионална соработка со Кина

09.02.2021 13:21

Соработката во рамките на 17 + 1 треба да биде насочена кон специфични проекти и да има конкретни резултати, особено во областите на економската и трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти, нагласи премиерот Зоран Заев на денешниот Самит на Кина и земјите од Централна и Источна Европа – 17+1, што се одржа преку онлајн видео конференциска врска.

Сега е време да се подготвиме за пост-ковидската ера и обновување на нашите општества и економии, и во таа насока е важно да се интензивираат различните форми на економска соработка. Соработката во рамките на 17 + 1 треба да биде насочена кон специфични проекти и да има конкретни резултати, особено во областите на економската и трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти, нагласи премиерот Зоран Заев на денешниот Самит на Кина и земјите од Централна и Источна Европа – 17+1, што се одржа преку онлајн видео конференциска врска.

Премиерот, како што соопшти владината прес-служба, истакна дека Република Македонија уште од почетокот на воспоставувањето на процесот на соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, активно учествува во поголем број активности, сметајќи ја како добра платформа за продлабочување на соработката во различни области.

Дури и во овој предизвикувачки период, рече Заев, кога целиот свет се соочува со последици од пандемијата на Ковид-19, минатата година, во рамките на 17+1, беа одржани еден министерски и неколку експертски видео состаноци, кои служат како добра можност за размена на информации и искуства во борба против вирусот. Тој изрази уверување дека овие состаноци беа навистина корисни за сите 17+1 земји и ја покажаа важноста на соработката во најтешки услови.

Заев потенцира дека за суштински развој и поголема соработка, особено е важно да се обезбеди слободна трговија, ослободена од административни пречки, понатамошно отворање на кинескиот пазар за производи од Централна и Источна Европа, фер конкуренција, еднаков третман на компаниите од регионот на кинескиот пазар, почитување на принципите на реципроцитет и принципот на взаемна корист, почитување на утврдените мултилатерални трговски правила на Светската трговска организација, и, како земја кандидат за ЕУ, во согласност со законот, политиките, вредностите и принципите на ЕУ.

Тој истакна дека процесот на соработка има потенцијал да постигне поголема ефикасност и од зголемената регионална соработка и за заеднички пристап кон проектите што доаѓаат од иницијативата 17+1.