Ќе се вакцинираат по 2.500 граѓани дневно
Утре ќе профункционира порталот за пријавување за вакцинација, најави министерот за здравство Филипче. Ќе може да се пријави секој граѓанин. Системот автоматски ќе ги генерира приоритетните. Дневниот капацитет за вакцинирање во скопските поликлиники изнесува 880 лица, како и дополнителни близу до 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Досега за имунизација се пријавени 4.000 здравствени работници, од кои околу 2.000 се во Скопје, а преостанатите се во другите градови...

Кинеската вакцина против ковид во земјава дневно ќе можат да примат 2.500 граѓани. Само во Скопје околу 1.400. Договорот со „Синофарм“ е потпишан, датумот кога ќе биде испорачани вакцините останува непознат. Во меѓувреме здравствените власти го прават планот за имунизација.
Во пунктовите на седум поликлиники ќе може да се вакцинираат по 880 граѓани, а во клиничкиот ценатар уште 500. Министерот Филипче смета дека капацитетот е доволен за првата фаза во која ќе бидат опфатени здравствените работници.
Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат од утре ќе можат да се пријавуваат електронски, системот ќе ги одреди термините според приоритетните групи. Засега се пријавени 4.000 здравствени работници, од кои 2.000 се од Скопје.
Пунктовите за имунизација ќе работат во две смени, здравствените власти уверуваат дека нема да се наруши процесот на редовната вакцинација кај децата.
Иако најавени за овој месец, се уште нема детали кога ќе пристигне првата пратка од 5.850 дози од вакцината „Фајзер“. Нема информации ниту за осумте илјади вакцини кои ни ги отстапи соседна Србија. Во март се очекува да пристигнат повеќе од 100 илјади вакцини на „АстраЗенека“, која и кај нас, како во многу евроспки земји нема да се дава на лица постари од 65 години.
Андријана Атанасовска
