Пробиштип бара ревизија на постапката за концесија за изградба на мини хидроцентрали
Најавената изградба на две мини хидроцентрали на истокот од државата наиде на незадоволство кај локалното население. Локалната власт и градоначалниците немаат ингеренции да ја спречат изградбата. Доколку Министерството за животна средина даде позитивно мислење, општините мора да издадат одобрение за градба. Градоначалникот на Пробиштип бара ревизија на постапката за концесија за изградба на хидроцентрала кај село Турско Рудари.

Советот на Општина Пробиштип бара од Министерството за животна средина да ја преиспита постапката со која во 2016 година е издадена концесија за изградба на мини хидроцентрала на Шталковичка река близу пробиштипското село Турско Рудари. Жителите се против изградба, стравуваат од ерозија и уништување на вегетацијата, а најголем е стравот дека ќе останат без вода за наводнување на околу пет хектари земјоделско земјиште.
Хидроцентрала не сакаат ниту кочанчани. Планирано изградба на ваков објект на Мала река кај браната Градче, во заштитеното ососговско подрачје. Но доколку инвеститорот добие зелено светло од надлежното министерство, општината нема ингеренции да ја стопира градбата.
Компанијата „ДИС енергија“ е концесионер на двете мини хидроцентрали. Оттаму велат дека законските одредби ги почитуваат целосно и дека изградбата на хидроцентралите нема да го доведе во прашање биолошкиот минимум на реките. Жителите на Турско Рудари и еко ективистите од Кочани остануваат на определбата со протести и притисок врз институциите да ја спречат изградбата на хидроцентралите кои се дел од големиот проект за изградба на 37 мини хидроцентрали во државата.
Славица Величковска
