Продолжува надмудрувањето меѓу партиите за пописот
Продолжува надмудрувањето меѓу партиите околу претстојниот попис на населението. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицксоки обвини дека од прв момент пописот се политизира од власта и затоа, нема да ги даде посакуваните резултати за планирање на развојот на земјата. Владата излезе со појаснување...

Пописот од прв момент се политизира од партиципиентите во власта. Токму затоа, нема да ги даде посакуваните резултати за планирање на развојот на земјата, тврди лидерот на ВМРО- ДПМНЕ. Мицкоски, кој не отстапува од барањето за предвремени избори, смета дека ниту директорот на Државниот завод за статистика, ниту неговиот заменик се способни за квалитетно спроведување на операцијата.
Опозициската партија продолжува со акцијата за одложување на пописот. За Мицкоски, нејасно е зошто министерот за финансии Бесими не одговара на барањето на ДИК за набавка на апарати за отпечаток од прст.
И додека директорот на статистика Симовски и заменикот Селами се дообјаснуваа дали и кој може во туѓо име да каже етничка и верска припадност, владата излезе со појаснување: попишувањето на нашите државјани кои живеат или престојуваат во странство ќе се врши по пат на самопопишување преку онлајн апликација од 1 март до 21 април. За оние кои за време на пописот се отсутни во странство, а не се самопопишале преку веб-апликацијата, попишувањето се врши во нивното последно вообичаено место на живеење во земјава, ако на таа адреса има полнолетен член на домаќинството или друго лице што може да ги даде сите потребни податоци за овие лица. Тој ќе биде должен да приложи соодветен документ и да ја гарантира точноста на дадените податоци.
Миле Ристески
