Пандемија

Неуспешен епилог на истрагата за потеклото на Ковид-19

09.02.2021 15:55

Во студијата нема докази за ширење на заразата пред декември 2019 година. Пазарот за животни не е потврден како изворна локација, а вирусот веројатно циркулирал и во други региони пред да биде детектиран во Вухан. СЗО нема ни доказ дека бил изнесен од лабораторија...

Неуспешен епилог на истрагата за потеклото на Ковид-19 предводена од тимот на СЗО во Вухан. Експертите од 10 земји не успеаја да ги идентификуваат ни локацијата ни животното кое се смета за преносител на болеста која усмрти над два милиона луѓе. Во студијата нема докази за ширење на заразата пред декември 2019 година. Пазарот за животни не е потврден како изворна локација, а вирусот веројатно циркулирал и во други региони пред да биде детектиран во Вухан. СЗО нема ни доказ дека бил изнесен од лабораторија.

За жал, имаме примери од многу земји за вакви несреќи. Се разбира дека тие не се невозможни, се случуваат понекогаш. Го посетивме и Институтот за вирусологија во Вухан, неговите лаборатори, така што е многу мала веројатноста нешто да побегне од такво место. Лабораториските несреќи се многу ретки инциденти“, изјави Питер Бен Ембарек, експерт за безбедност на храна.

Во меѓувреме, Јужна Африка ја прекина вакцинацијата со „АстраЗенека“ поради ниската стапка на ефикасност против мутацијата.

Ефикасноста беше околу 20-22%, толку ниска. Неетички е да користиме таква вакцина. Истражуваме за да добиеме повеќе податоци околу заштитата од сериозна инфекција, хоспитализација, тоа е прво. Постои можност вакцината да се користи во комбинација со друга“, изјави професор Бери Шауб, претседател на Советодавниот одбор за вакцини.

Поради недостиг од доволно информации, со „АстраЗенека“, Германија, Франција и Австрија нема да вакцинираат лица на возраст над 65 години. Обединетото Кралство најави партнерство со германската фармацевтска компанија.

„Склучивме ново партнерство со „Кјурвак“ за развој на вакцини кои брзо ќе се приспособат на новите видови веднаш по нивното идентификување, исто како што правиме со грипот секоја година“, изјави Мет Хенкок,минитсер за здравство на Обединетото Кралство.

Европската агенција за лекови (ЕМА) ги заврши консултациите со Рускиот директен инвестициски фонд  (РДИФ) така што може да се поднесе апликација за регистрација на вакцината „Спутник“. Во Србија денеска пристигнаа 50 илјади дози од неа за масовна ревакцинција на жителите.

 

Маја С. Филдишев