Совети за ефикасно учење
Подготовката за учење е многу важна. Тука спаѓа одредување време во кој период од денот ќе се учи. Така мозокот ќе се подготви за сортирање информации на одредена тема. Така се зголемува и одговорноста зашто сите претходни активности ќе бидат насочени кон успешно учење...

Учењето бара многу енергија лично ангажирање и време. За да биде ефикасно има одредени правила кои можат многу да помогнат. Подготовката за учење е многу важна. Тука спаѓа одредување време во кој период од денот ќе се учи. Така мозокот ќе се подготви за сортирање информации на одредена тема. Така се зголемува и одговорноста зашто сите претходни активности ќе бидат насочени кон успешно учење како на пример набавување литература, правење план и атмосфера. Направете план на активности во текот на денот, испланирајте го времето за учење и за одмор и разонода, каде и што ќе учите. Добро е да се учи во одредено катче, на маса на која нема да има предмети што ќе ви го одвлекуваат вниманието, особено не мобилен телефон.
Учениците и студентите ќе си олеснат ако се внимателни на часовите, така ќе имаат повеќе предзнаење и ќе потрошат помалку време за учење дома. Особено е важно да се фаќаат прибелешки на часовите, но и во текот на учењето дома. Корисно е да се користат разни бои, слики за асоцијација, така полесно се памти. Лекциите од предавањата на секој час повторете ги дома со анализа што корисно може да се извлече и поврзе со претходните сознанија и со реалноста.
Кога сте одморени прво учете го потешкото градиво, распоредете ги податоците и не се обидувајте се да научите наеднаш. Најдобро е да се направат целини со смисла. Со подвлекување на важните реченици и зборови се истакнуваат битните информации. Сите непознати термини треба прво да се разјаснат, и никако не треба да се учи на памет она што е неразбирливо. Побарајте помош од некој што знае.
Преслушувајте се за суштината на лекцијата и поставувајте си прашања како што би прашувал професорот. За истата тема прочитајте информации и од други извори. Редовно повторувајте го наученото градиво. Користете техники за памтење. Повторете го истото по 24 часа. Следното повторување нека биде по 3-4 дена, па по една недела , по еден месец и потоа по 5-6 месеци. Тоа ќе биде речиси трајно врежано знаење.
Најдобро е да се учи во интервали од 45-60 минути, а не наеднаш. Правете кратки паузи, од по 10-15 минути, пожелно е да биде физичка активност. Паузите се важни за мозокот да има време да ги интегрира и распореди сите знаења и да ги поврзе со претходно наученото. Иако повеќето студенти учат ноќе, тоа не е добро, зашто помалку се памти и организмот не се одмара доволно. Учете пред спиење. Мотивацијата е многу важна. Ако имате одредена цел што сакате во животот да постигнете тоа ќе ви биде водилка во моментите кога не ви оди баш најдобро. И важно е да се наградувате за својот труд на вам својствен начин.
Добрите навики за учење може да бидат одлучувачки фактор дали школувањето ќе ви помине со мака или со леснотија. Важно е овие навики да се стекнат уште во основно училиште, потоа се е полесно.
Соња Стојановска
