Стартува пријавувањето за вакцини против Ковид-19

10.02.2021 09:56

На интернет-страницата „вакцинација.мк“ ќе се врши пријавувањето на граѓаните за имунизација, а системот на Министерството за здравство ќе направи приоритети. Според планот, дневно ќе се вакцинираат до 2.500 граѓани. Филипче без одговор кога ќе стигнат 200 илјади кинески вакцини и дали месецов ќе ја има и првата пратка од 5.850 вакцини од „Фајзер“...

Интернет страницата преку која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против Ковид-19, треба да профункционира од денеска. Секој сам ќе може да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои се приоритетни, информираше вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

Утврдено е како ќе се спроведува процесот на вакцинација против Ковид-19. Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

Засега се пријавени четири илјади работници, од коишто околу две илјади се во Скопје, останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, така што еве сега во првиот момент кога вакцините ќе стигнат може и практично да започне процесот на вакцинација, нагласи Филипче.

Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број  граѓани.

До крајот на февруари во државава се очекува да пристигнат 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Во март се очекуваат вакцините на „АстраЗенека“ согласно КОВАКС механизмот. Премиерот Зоран Заев завчера најави дека следната недела можно е да пристигнат и вакцини од „Фајзер“.

Додека се чекаат првите вакцини против Ковид-19, во државата состојбата со коронавирусот и натаму се стабилизира. Вчера од направени 2.863 тестирања, беа регистрирани 476 нови случаи. Починаа девет лица, а 407 пациенти беа регистрирани како оздравени.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 95.347, на оздравени 85.846, а на починати 2.955. Активни се 6.546 случаи. На инфективните оддели во земјава се лекуваат 591 пациент со Ковид-19, од кои во болниците низ државата 326, а во главниот град 265.