Сенат: Отповикувањето на Трамп во согласност со уставот
Американскиот Сенат го прогласи судењето на поранешниот претседател Доналд Трамп во конгресот за уставно. Отворен патот за постапка за импичмент за екс претседателот. И шестмина републикански сенатори го поддржаа барањето на демократите...

Американскиот Сенат го прогласи судењето на Доналд Трамп за уставно. Со 56 гласа „за“ наспроти 44 „против“, сенатот го отвори патот за официјална постапка за да се утврди дали Трамп е виновен за „поттикнување востание“ во Капитол Хил на 6 јануари.
„Прашањето е дали Доналд Џон Трамп е предмет на надлежност на судот за импичмент за дела сторени додека бил претседател на Соединетите држави, без оглед на истекот на неговиот мандат на таа функција“, изјави Патрик Лихи, сенаторот од Вермонт.
Шест републиканци им се придружија на демократите во рамномерно поделениот сенат за поддршка на процедуралното гласање, што покажува дека прагот од две третини потребен за осуда на Трамп нема да биде исполнет на судењето.
„Реков дека ќе бидам непристрасен поротник. Секој што ги слушаше аргументите знае дека менаџерите на претставничкиот дом беа фокусирани, организирани, се потпираа на преседанот, на уставот и на правниците. Имаа убедливи аргументи. Тимот на претседателот Трамп беше неорганизиран, направија се освен да зборуваат за прашањето што беше предмет. Едната страна направи одлична работа, а другата ужасна по ова прашање, и јас како непристрасен поротник, гласам за страната што ја заврши добро работата“, изјави Бил Касиди, сенатор од Луизијана.
Одбраната на Трамп се потпира на фактот што тој повеќе не е претседател на САД, туку обичен граѓанин, поради што нема правна основа да му се суди по обвинението дека поттикнувал насилство.
„Републиканците се потпираат на идејата дека нема преседан за одржување судски процес за импичмент кога претседателот веќе ја напушти функцијата. Импичментот е процес кој почнува во Претставничкиот дом и се сели во Сенатот. Сенатот гласаше и тие продолжуваат со ова судење“, изјави Џули Пејс, шеф на бирото на Асошиејтед прес.
Адвокатот на поранешниот претседател смета дека судскиот процес претставува политизација на постапката за отповикување и дека ќе ги „подели“ соединетите држави.
За гласање за уставност е доволно едноставно мнозинство. Двете страни на располагање имаат по 16 часа за изнесување аргументи пред сенатот кој функционира како суд, што се очекува да трае до крајот на неделата. Потоа сенаторите ќе имаат можност да им поставуваат прашања на двете страни.
Трамп одби доброволно да се појави пред Сенатот. За прогласувањето вина според американскиот устав е потребно двотретинско мнозинство.
Марина Ристова
