Имунизација

Први ќе стигнат вакцините од „Фајзер“

10.02.2021 14:27

Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат, од денеска на интернет страницата „вакцинација.мк“ ќе можат да се пријавуваат електронски. Системот ќе ги одреди термините според приоритетните групи. Утре пристигнуваат фајзеровите вакцини од Србија, а кинеските „Синофарм“ во почетокот на идната недела...

Со регистрација на онлајн страницата vakcinacija.mk граѓаните кои сакаат да бидат опфатени со имунизацијата ќе може да се пријавуваат. Со пополнување на формата, директно се пристапува до системот „Мој термин“.

Со пополнување на личните податоци како име, презиме, матичен и телефонски број влегувате во системот за вакцинација. Потоа треба да го чекате повикот од матичниот лекар кој ќе ве извести за времето и датумот кога ќе ја примите вакцината во пунктот што сте го избрале.

Во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници и хронично болните. Утре пристигнуваат првите дози вакцини од Фајзер добиени од Србија. Премиерот Заев и претседателот Вучиќ ќе се сретнат на Табановце. Минатиот месец беше договорено од северниот сосед да добиеме осум илјади фајзерови вакцини. Денови се во прашање кога ќе пристигнат и 200 илјади кинески факцини од „Синофарм“. Премиерот Заев најави дека тоа ќе се случи во понеделник или вторник.

Според договорот на Владата со „Фајзер“ 5.850 дози треба да се испорачаат во втората половина на месецов. Преку КОВАКС системот ќе се набавуваат дополнителни дози од „Фајзер“, но и „Астра Зенека“ и „Модерна“. Од Владата велат дека целта е да нема прекини во имунизацијата еднаш штом почне процесот. Според најавите, во пунктовите низ земјава ќе може дневно да се вакцинираат до 2.500 лица.

Анита ДимитријевскаВелковска