Претставени плановите за енергетска транзиција

10.02.2021 15:10

Претставен процесот на енергетска транзиција на АД ЕСМ. Инвестициски циклус во наредните 5 години. Постепено ќе се преминува од конвенционалните, во производство од обновливи извори. До 2026 година ќе биде заменет првиот блок од РЕК Битола. Премиерот Заев најави и дополнителни инвестиции во енергетскиот сектор...

До 2026 година првиот блок од РЕК Битола кој сега работи на јаглен ќе биде заменет со когенеративна гасна електроцентрала со моќност од 250 мегавати. Модернизација се најавува и на другите два блока. Државната компанија ЕСМ го претстави процесот на енергетска транзиција. Производството на струја со што помала емисија на гасови е долгорочна цел на која работиме сега и веднаш, вели директорот Ковачевски.

Над 17 милиони евра е вредноста на новата помошна механизација за РЕК Битола. Склучени се 16 договори со 5 фирми за набавка на 36 машини. Со сопствената опрема ќе се намалат трошоците за ископ на јаглен за 30 проценти, посочуваат од енергетскиот комбинат.

Премиерот Заев најави инвестициски циклус за наредните пет години. Важни енергетски проекти кои се очекува да ја раздвижат економијата се изградбата на хидроелектраната Чебрен, фотонапонската централа во Осломеј. Се планира и претворање на ТЕЦ Неготино со гасна електрана, поставување фотоволтаици, зголемување на моќта на ветерниот парк – Богданци.

 

Сунчица Николоска