ЕУ призна дека заостанува со имунизацијата
Задоцнивме со одобрување на вакцините против Ковид-19 и погрешивме во проценките за производството од компаниите, призна претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен пред европратениците во Брисел. Најави дека месецов преку системот „Ковакс“ ќе почнат да се испорачуваат вакцини и на соседните земји на Унијата...

Европската унија призна дека задоцнила со одобрувањето вакцини против Ковид-19 и дека заостанува со имунизацијата. Соочувајќи се со критиките од европратениците околу спроведувањето на вакцинирањето, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, призна дека блокот бил преоптимистичен и пресамоуверен, но додаде дека исправна била одлуката колективно да се нарачаат вакцини. Вакцините преку „Ковакс“ системот, ќе почнат да се испорачуваат и на соседните земји на Унијата од овој месец.
„Солидарноста за вакцинација мора да биде покажана со нашите партнери во соседството и во светот. Ова е важно и за стопирање на ширењето на заразата и мутацијата на вирусот. Пристапност на вакцини за сиромашните и средно богати држави е во наш интерес. Затоа го основавме системот „Ковакс“ за да побогатите земји финансираат вакцини за посиромашните. „Ковакс“ ќе почне со испорака на вакцини од овој месец. Сигурна сум дека и Европскиот парламент ќе се согласи дека нашата одговорност е поширока од границите на Европската унија“, изјави Фон дер Лајен.
Шефицата на ЕК, која беше сериозно критикувана во последните неколку дена изјави дека е отворена за идејата за издавање дозволи за употреба на руски и кинески вакцини во унијата, но само откако тие ќе бидат темелно тестирани.
Од Ковид-19 досега починаа над 500 илјади луѓе во ЕУ. Имунизацијата беше погодена од прекините во снабдувањето од производителите „Фајзер/ Бионтек“ и „АстраЗенека“ што ги пролонгираше првичните планови за имунизација. И додека во Велика Британија има просек од 19,2 вакцинирани на 100 жители, на ниво на ЕУ тој изнесува само 3,9. За споредба, во Русија, се вакцинирани 2,2 милиони луѓе со Спутник-5, од кои повеќе од 1,7 милиони луѓе ги примиле и двете дози.
Според официјалните податоци на СЗО, во периодот од 1 до 7 февруари бројот на новозаболени со коронавирус на глобално ниво се намалил за 17 проценти, а вкупниот број на смртни случаи за 10.
Бојана Крстевски
