Охрид: Три децении на локалитетот „Грашница“ се излева фекална вода во езерото

10.02.2021 16:27

Веќе триесет години граѓаните на Охрид кои живеат на локалитетот „Грашница“ укажуваат на проблемот дека при врнежи од дожд се излеваат фекалии од колекторскиот систем во езерото, но и на улиците што претставува потенцијална опасност по нивното здравје. Еколозите бараат изградба на нов цевковод, но од јавното претпријатие „Колекторски систем“ тврдат дека системот функционира и дека проблемот треба да се реши со издвојување на атмосферската од секундарната канализација што е во надлежност на општината...

Веќе три децении жителите на охридската населба Воска апелираат за решавање на проблемот со излевањето на фекална вода од колекторскиот систем во езерото, на јавните површини и во нивните дворови при врнежи од дожд. Проблемот се усложнува и поради тоа што реката Грашница која на тој потег се влева во Охридското Езеро дополнително го загадува бидеќи долж нејзиното течение несовесни граѓани канализационите мрежи ги насочиле во нејзините води и дополнително фрлаат разновиден отпад. Еколозите бараат општината и државата конечно да го решат овој проблем со нов колекторски систем.

„При најмали врнежи имаме излевање, излевањето за жал се случува и во делот на улиците „Васил Стефоски“ и „Бистрица“ каде што шахтите од притисокот на системот сами се отвораат и фекалиите буквално лебдат и се движат по површините каде што ние тука живееме, дечињата играат, тука е стадионот и така натака“, изјави Борис Стојаноски, Еколошко друштво „Грашница“.

„Голем дел од причините се енормното зголемување на стамбени објекти во Охрид и охридско. Бидеќи со самото зголемување се зголемуваат и количините на фекалиите. Една од другите причини е што голем дел од граѓаните атмосферската вода ја имаат приклучено на канализацијата“, изјави Борис Џајкоски, Еколошко друштво „Грашница“.

Од Јавното претпријатие „Колекторски систем“велат дека нема потреба од изградба на нов цевковод бидеќи сегашниот е во функција и целосно ќе се санира. Проблемот е што во него се влева атмосферска вода и при обилни врнежи се блокира нормалното работење.

„Ние и во целост да го санираме колекторскиот систем нема да го решиме проблемот додека не се реши проблемот на одвојување на атмосферската од секундарната канализација. Значи цел цевковод ние да го промениме и сите препумпни станици наново да ги изградиме ние проблемот нема да го решиме“, вели Владимир Алексијоски, директор на ЈП „Колекторски систем“.

За одвојувањето на атмосферската од секундарната канализациона мрежа надлежна е општината, а за изведување на тој проект се потребни големи финансиски средства. Пред петнаесеттина години имаше таков обид , но досега никој не дал одговор зошто при тој зафат кога најголемиот дел од градот беше раскопан не се решил и овој проблем.

 

Сашо Нелоски