КОВИД-19

САД не ги прифаќаат резултатите од истрагата во Вухан

11.02.2021 13:52

Неколку часа откако беа објавени првичните податоци, Вашингтон изјави дека сака да ги провери информациите со кои се дошло до заклучок дека вирусот не потекнувал од лабораторија во Вухан, туку веројатно од лилјак. Западните земји ја обвинија Кина за несоодветно справување со пандемијата. Пекинг тврди дека корените на Сарс-Ков-2 се надвор од границите...

Изворот на вирусот кој ја предизвика пандемијата со Ковид-19 останува меѓу клучните предизвици на глобалната политика и наука. Мисијата на СЗО во Вухан заврши без конкретен одговор. Неколку часа откако беа објавени првичните податоци, Вашингтон изјави дека сака да ги провери информациите со кои се дошло до заклучок дека вирусот не потекнувал од лабораторија во Вухан, туку веројатно од лилјак. Западните земји ја обвинија Кина за несоодветно справување со пандемијата. Пекинг тврди дека корените на Сарс-Ков-2 се надвор од границите повикувајќи се на серија истражувања кои покажале присуство на повеќе локации во светот во втората половина од 2019 година, меѓу кои и на американскиот континент.

„Сакаме и американската страна, како Кина, да има отворен и транспарентен пристап, и да може да покани експерти од СЗО во САД за да спроведат потрага по потеклото и инспекцијата“, изјави Ванг Венбин, портпарол на кинеското МНР.

„Не бевме директно вклучени во спроведувањето на истрагата. Ние ја поддржуваме СЗО, се вративме во Организацијата, но најважно е да имаме наш експертски тим на терен во амбасадата во Пекинг за да следат директно оттаму“, рече Џен Псаки, портпарол на Белата куќа.

Паралелно со потрагата по „нулта носителот“, светот во трка и за вакцините. Имунизацијата за која беше предвидена амбициозна програма се спроведува со планираното темпо само во мал број земји. Израел е меѓу водечките со повеќе од шест милиони вакцинирани.

Иако Европа првично им даде предност на производителите од Западот, динамиката со која се ширеше пандемијата ја принуди да побара помош и од Русија. Хрватите ја контактирале амбасадата во Загреб, со цел да дојдат до „Спутник“. Кај Украина пресуди политичката, а не здравствената криза, па Киев официјално ја забрани нејзината употреба со образложение -во земјата не може да се дистрибуира ниедна вакцина произведена од, како што велат, „држава агресор“. Според „Гардијан“, Русија веќе им обезбедувала дози на проруските приврзаници во источниот дел.

И покрај вакцинацијата, ограничувата се во сила. Поради зголемениот број на хоспитализации во Грција, Атина се затвора целосно во период од еден месец. Слично е и во Германија. За Берлин приоритет е битката со мутациите.

„Поминавме една година учејќи како функционира вирусот и како работи против нас. Учењето не значи преземање правилни чекори од самиот старт или поправање на проценките. Како што на пример, постапивме ние, со препораката за носење маски. И тогаш, а и сега, треба да ја научиме лекцијата од нашата недоволна внимателност и брзина. Не го затворивме јавниот живот доволно брзо и долго иако имавме знаци за втор бран и предупредувања од разни научници“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Во светот од ковид-19 починале над 2,3 милиони луѓе.

Маја С. Филдишев