Почна пријавувањето на македонските државјани во странство за парламентарните избори

18.03.2014 11:38

Од МНР потсетуваат дека граѓаните кои веќе се пријавиле за гласање на претседателските избори, ќе треба повторно да се пријават за гласање за предвремените парламентарни избори...

Македонските дипломатски претставништва низ светот почнаа да ги примаат пријавите на македонските државјани за гласање на предвремените парламентарни избори. Граѓаните кои живеат во дијаспората имаат можност до крајот на март да се пријават за гласање, јави МИА.

Од МНР потсетуваат дека граѓаните кои веќе се пријавиле за гласање на претседателските избори, ќе треба повторно да се пријават за гласање за предвремените парламентарни избори.

За пријавување на гласањето, потребно е граѓаните да ја пополнат пријавата за гласање, која можат да ја добијат во дипломатско-конзуларните претставништва или на интернет страницата на Државната изборна комисија, и да достават копија од нивниот македонски биометриски пасош, и од документ кој ќе покаже основ за престој во странство, како што е странска виза, зелена карта, или копија од странски пасош, доколку се и странски државјани. Овие документи потребно е да се достават до дипломатските претставништва, или преку интернет  до Државната изборна комисија. Образецот 30 гс за гласање на предвремените парламентарни избори може да се најде на интернет страницата на ДИК.

За гласање на претседателските избори се пријавија вкупно 8.311 македонски државјани кои живеат во странство. На парламентарните избори, дијаспората ќе избира тројца пратеници од трите изборни единици надвор од границите на Република Македонија. Македонските граѓани во странство ќе гласаат еден ден пред изборите во Македонија - за претседател ќе се гласа на 12 април, а парламентарните избори, и евентуалниот втор круг претседателски избори, ќе се одржат на 26 април.