Здравство

Голем интерес за вакцинација против Ковид-19

12.02.2021 09:50

Апликацијата на веб-страницата „vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против Ковид-19 ја пополниле околу 30.000 граѓани, соопшти министерот за здравство Филипче...

Апликацијата на веб-страницата „vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против Ковид-19 ја пополниле околу 30.000 граѓани. Ова синоќа во телевизиско гостување го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека 20 отсто од дијагностицираните случаи во изминатите денови имаат британска мутација на вирусот. Посочи дека засега нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки.

Шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата. Секаде во светот, во навистина многу малку земји со исклучоци, вакцините не пристигнуваат ниту со посакуваната, ниту со потребната брзина. Сепак станува збор за еден нов продукт, за почеток на производство. Буквално сите земји се соочуваат со истиот проблем и со истиот предизвик, потенцира Филипче и најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт договор со компанијата „Фајзер“.

Вакцинацијата против коронавирусот ќе се спроведува исклучиво преку предвидениот план кој е изготвен во Националниот план за имунизација на населението во Македонија. Процесот на вакцинирање на граѓаните ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата, соопшти Министерството за здравство.

Со пополнувањето на регистрацијата, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација. Тоа не значи дека закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем „Мој Термин“ согласно со фазите кои ги содржи Националниот план за Ковид-вакцинација.

Во првата фаза, е предвидено да се вакцинираат здравствените работници кои работат со ковид-пациенти во болнички услови и се изложени на многу висок ризик од инфекцијата, а во оваа фаза се и следните приоритетни групи за вакцинирање: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Според податоците на Министерството за здравство за изминати 24 часа, регистрирани се нови 416 случаи со Ковид-19, седум починати и 278 оздравени пациенти.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 96.152, на оздравени пациенти е 87.122, на починати е 2.966, а на активни случаи изнесува 6.064.