ЕУ усвои план за закрепнување од пандемијата

12.02.2021 13:22

Првите луѓе на Европската комисјата, Совет и Парламент го потпишаа планот за закрепнување од последиците од пандемијата, во вредност од 750 милијарди евра. Како што истакна актуелниот претседавач со Унијата, Португалија, треба да се забрза вакцинацијата и да почне да се спроведува планот за закрепнување од средината на оваа година...

ЕУ го усвои планот за закрепнување на Европа, со заеми и грантови на располагање за поддршка на реформите и инвестициите преземени од земјите членки.Целта е да се ублажат економските и социјалните влијанија на пандемијата и да се направат европските економии поодржливи, поотпорни и подобро подготвени за предизвиците и можностите на зелените и дигиталните транзиции.

„750 милијарди евра за поддршка на нашите граѓани да ги задржат нивните работни места и поддршка за опстанок на компаниите. Она што е точно за вирусот, точно е и за земјите членки. Ниту една држава не може сама да се справи со кризата. Затоа со здружени сили мораме да инвестираме заедно во надминување на последиците“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседател на Европската Комисија.

Актуелниот претседавач со унијата Португалија повика земјите членки да ги усвојат брзо националните планови за закрепнување со што првите средства ќе бидат достапни на средината од годинава.

„Конечно имаме вакцини за спас на животите и план за засилување на економското закрепнување. Сега треба да ја забрзаме вакцинацијата и да го оствариме планот. Се бориме за животите и работните места. Инвестираме во иднината со вложување во климатските активности и дигитална трансформација за следната генерација на ЕУ“, изјави Антонио Костапремиер на Португалија.

Еу планира да ја заврши вакцинација на 70 проценти од населението до средината на годинава.

 

Ирина Гелевска