Коронавирус

Бразил ќе го вакцинира целото население

12.02.2021 14:08

Бројот на случаи со коронавирус во светот надмина 108 милиони луѓе. Бразил најави дека до крајот на годината ќе го вакцинира целото население. Полска, пак, повторно ги отвора хотелите и спортските објекти по најновата регулатива за олабавување на мерките.

Вкупниот број на случаи со коронавирус во светот надмина 108 милиони луѓе. Како последица на Ковид-19 починале над 2,3 милиони. Бразил во последните 24 часа регистрирал 54 илјади новозаразени. Земјата најави дека до крајот на годината ќе го вакцинира целото население.

Здравствените власти во земјата тврдат дека бразилскиот вид на коронавирусот може да е до три пати позаразен. Сепак, раните анализи покажуваат дека вакцините се ефикасни.

Полска ги олабавува мерките

Полска, пак, повторно ги отвора хотелите и спортските објекти по најновата регулатива за олабавување на мерките. Во хотелите се достапни само половина од собите. Рестораните остануваат затворени, но храната може да се сервира во собите.

Повторно се отвораат ски- патеките, базените, спортските објекти на отворено, спортските терени итениските терени. Додека пак, спортските сали, фитнес клубовите и аквапарковите остануваат затворени.

Многу сме среќни, повторно се отвораат ски центрите, за нас е многу важно затоа што можеме да се вратиме на работа и да примиме гости. Луѓето постојано прашуваат дали можат да дојдат“, вели управител на ски центар.

Убаво е, воодушевенa сум, не сум билa тука многу години, времето е одлично. Тука сме со пријатели, со децата, супер е, препорачувам.“

Постои голем интерес, бидејќи од моментот кога премиерот ја објави можноста за повторно отворање, телефоните постојано ѕвонат“, вели менаџер на базен.

Луѓето повторно можат да одат во кино, театар, опера, филхармонија.

Во музеите, уметничките галерии и во библиотеките луѓето мора да држат дистанца и да носат маски за лице, како и да користат средства за дезинфекција.

Според одлуката на владата, новите регулативи се во сила до 28 февруари. Доколку се намали бројот на инфекции со коронавирус, ќе има и натамошно олеснување.

Во меѓувреме, земјата донесе одлука дека вакцината на „АстраЗенека“ можат да ја примат лица под 65 години, откако претходно беше утврдено дека вакцината е наменета за лица на возраст од 18 до 60 години.

 

Марина Ристова