Собрание

Поднесени 1.200 амандмани за Законот за лична карта

12.02.2021 14:21

Левица бара повлекување на предлог- измените на Законот за лична карта. Поднесоа околу 1.200 амандмани. Од БЕСА, предлагач на измените, сметаат дека намерата не е демократска и за подобрување на текстот, туку негова блокада. Според СДСМ, предлогот е според Законот за јазиците. Од владејачката партија, се подготвени на соочување на аргументите во Собранието...

Предлог-измените на Законот за лични карти, поднесени по скратена постапка од БЕСА, заглавени во Собранието. Откако Левица поднесе околу 1.200 амандмани, одложена расправата во Комисијата за политички систем, поради преводот на албански јазик. БЕСА бара го графата да биде запишана и етничката припадност. Како аргумент за амандманите од Левица појаснуваат дека се против каква било поделба, посебно по етничка основа.

Од Беса сметаат дека големиот број амандмани е за да се блокира носењето на законот. Мултиетничкиот концепт на државата е реалност, вели Зендели.

Во Законодавниот дом има две предлог- решенија за одредба од Законот за лични карти. Министерството за внатрешни работи предлага адаптација на уставното име, а Беса вклучување на етничката графа, поддржан од ДУИ и од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива. За СДСМ предлогот е според Законот за јазиците. Подготвени се за дијалог, а не за блокади.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за поддршка на етничката припадност во личните карти треба да се разговара во органите на партијата. МВР предвидува личните карти со старото уставно име да важат најдоцна до 12 февруари 2024 година. Издавањето лични карти со новото уставно име ќе почне од 1 јули годинава.

 

Милчо Велески