Имунизација

Граѓаните се пријавуваат, вакцините се чекаат

13.02.2021 16:29

Повеќе од 50 илјади луѓе досега пројавиле интерес за вакцинација. Повеќето тоа да го сториле преку веб-страницата, а дел преку матичните лекари. Луѓето се пријавуваат, но вакцини сѐ уште нема. За оние од „Фајзер“, кои треба да пристигнат преку Србија се чека издавање документирано одобрување, за кинеските се прецизираат деталите за испораката, велат од Министерството за здравство. Шефот на диломатијата Османи, пак, тврди дека земјава е колатерална штета на неуспехот на фармацевтските фирми да ги исполнат обврските во однос на испораката...

За едни вакцини се чека комплетирање на документацијата, за другите да помине кинеската Нова година. Иако беше најавено дека осум илјади дози на„Фајзер“ќе пристигнат во земјава пред два дена, што беше откажано во последен момент, сега се уште се чека на датум кога ќе бидат испорачани. Одговорот од здравствените власти е дека производителот во најбрз рок треба да издаде документирано одобрение до србија, по што ќе се реализира примопредавањето. Договорот со „Фајзер“ забранува продавање на вакцини на друга земја, па затоа овие вакцини во Македонија ќе пристигнат како донација.

Здравствените власти не прецизираат и кога имунизацијата против ковид ќе започне, бидејќи не се знае ниту кога ќе пристигнат 200-те илјади вакцини од кинеската „Синофарм“.

„Во однос на испораката на кинеските вакцини, се работи на последните детали, по што вакцините од кинескиот производител ќе стигнат во Северна Македонија. Здравствениот систем е подготвен и имунизацијата ќе започне веднаш штом стигнат вакцините против Ковид- 19“, велат од Министерството за здравство.

И додека се чекаат вакцините, надлежните бројат колку граѓани пројавиле интерес за имунизација. Повеќе од 40 илјади се пријавиле преку „вакцинација.мк“, а над 12 илјади преку матичните лекари.

Северна Македонија е колатерална штета на неуспехот на фармацевтските фирми да ги исполнат нивните обврски во однос на испораката на вакцините против Ковид-19, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за белгискиот весник „Ла Либр“. Тој потсети дека земјава уплатила за 800 илјади дози вакцини преку Ковакс системот, уште толку директно од производителот „Фајзер“. Тие се доволни да се имунизира населението, но сѐ уште не сме добиле ништо – вели Османи.

За месецов е најавено дека ќе дојдат 6.000 вакциниод „Фајзер“ кои земјава треба да го добие директно од производителот. Во март, пак, треба да пристигнат и повеќе од 100 илјади дози од „АстраЗенека“ преку Ковакс системот.

 

Андријана Атанасовска