Ковид-19

Имунизацијата започнува в среда со здравствените работници

14.02.2021 16:21

Националниот план предвидува вакцинацијата да се спроведува во три фази, согласно приоритетите. Први ќе се имунизираат здравствените работници кои се во првата линија во борбата со коронавирусот, и каде ризикот од пренесување на инфекцијата е најголем. Досега се пријавени 4 илјади медицински лица. Потоа следуваат луѓето постари од 70 години...

Здравствените работници кои работат во модуларната болница во Клиничкиот центар в среда први ќе ја примат фајзеровата вакцина. Таа е веќе складирана во фрижидер на – 70 степени, а обучен е и техничкиот персонал кој ќе го следи нивото на температурата за запазување на стандардите.

Според изготвениот национален план, имунизацијата започнува со медицински лица кои се во првата линија и со висок ризик за стекнување и пренесување на инфекцијата. Досега се пријавиле околу четири илјади здравствени работници, но од првата пратка вакцина ќе има само за половина од нив, бидејќи треба да примат две дози во рок од три недели.

Откако ќе пристигнат најавените 200 илјади кинески вакцини, освен медицинските лица, имунизацијата ќе продолжи кај луѓето кои спаѓаат во ризичните групи и лицата постари од 70 години.

„Матичните лекари како наши колеги, ќе ја имаат обврската да го исконтактираат својот пациент прво во делот на проверката на здравствената состојба. Не е сеедно дали пациентот во мометот е со одредена терапија, дали има некоја активна болест во моментот и дали е подложен на вакцинација. Тие информации најдобро ги знае матичниот лекар и во консултација со својот пациент дали тој во дадениот момент е соодветен за вакцинација“, изјави д-р Александра Грозданова- претседател на Комитетот за имунизација.

Процесот на вакцинација ќе се врши во постоечките пунктови во здравствените домови. Предвидено е дневно да се вакцинираат околу 2.500 граѓани. Надлежните велат, сите вакцини се развиени на безбедни платформи и со нив ќе се спречи ширењето на корона вирусот.

„Британскиот сој односно таа британска мутација се уште добро реагира на постоечките вакцини. Но, овие промени кои се забележуваат на Сарс Ков- 2 вирусот во Јужна Африка, тоа е веќе нешто поинаку и тука веќе добиваме одредени насоки дека таа вакцина, конкретно АстраЗенека вакцината нема да има голема ефикасност кон оваа варијација“, изјави д-р Грозданова.

Од Министерството за здравство велат, се работи на последните детали во однос на испораката двесте илјади кинески вакцини и уверуваат дека наскоро ќе пристигнат. Во следниот период во земјава се очекуваат и близу шест илјади дози „Фајзер“ купени директно од призводителот и повеќе од 100 илјади од „АстраЗенека“ преку Ковакс- механизмот.

Андријана Атанасовска