Сообраќајот низ државата отежнат, надлежните со апел за крајна внимателност

14.02.2021 16:44

Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато. Надлежните со препорака за крајна внимателносто на сите учесници во сообраќајот и задолжително носење на зимска опрема. Возачите велат дека патувањето е небезбедно, а патиштата не се исчистени. Има неколку забрани за движење на тешки возила, регистрирани се и неколку сообраќајни несреќи...

Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, со остатоци од снег и на влажни коловози. Од „Македонија пат“ велат дека нивните екипи интервенираат, но заради континуираните врнежи и ниските температури кои предизвикуваат голомразица, сообраќајот се одвива отежнато. На патните правци кои минуваат низ клисурите постои опасност од појава на одрони. Надлежните со апел за крајна внимателност при управување со возилата. Возачите незадоволни од зимското одржување на патиштата.

Абразивен материјал се истура на приоритетните улици во градовите и на регионалните и магистралните патни правци. Но, температурите под минус осум степени го оневозможуваат дејството на солта, заради што и ефектот од посипувањето сол е немален, велат од „Македонија пат“.

Снегот и поларните температури доведоа до забрани за движење на тешки товарни возила на повеќе патни правци во државата, но се причина и за неколку сообраќајни несреќи.

Славица Величковска