Ослободителна пресуда за Трамп, Бајден незадоволен
Американскиот претседател Џо Бајден е незадоволен од ослободителната пресуда за неговиот претходник Доналд Трамп во Сенатот, но изрази надеж за одбраната на демократијата алудирајќи на републиканците кои ја согледале вината и одговорноста на нивниот сопартиец за смртоносните нереди во Конгресот...
Американскиот претседател Џо Бајден е незадоволен од ослободителната пресуда за неговиот претходник Доналд Трамп во Сенатот, но изрази надеж за одбраната на демократијата алудирајќи на републиканците кои ја согледале вината и одговорноста на нивниот сопартиец за смртоносните нереди во Конгресот. Во писмена изјава, тој потенцира дека гласањето било двопартиско и не ја сменило суштината на обвинението. „Дури и оние кои беа против осуда, како лидерот на малцинството во Сенатот Мич Меконел, веруваат дека Доналд Трамп е виновен за срамна злоупотреба на должноста и носи морална одговорност за поттикнување на насилствата во Капитол“, напиша Бајден.
Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси употреби поостра реторика за сенаторите кои го спасија републиканецот на второто судење за импичмент.
„Овие кукавици од сенатори кои не можеа да се соочат со тоа што го направи претседателот и со заканата за нашата земја, сега ќе можат само да бидат плеснати по раката?! Опоменуваме кога погрешно се користи прибор за пишување, а не кога се поттикнува насилство во кое има мртви“, изјави Ненси Пелоси, претседател на Претставничкиот дом.
Трамп им се заблагодари и на авокатите и на сенаторите кои според него, „гордо ги бранеле Уставот и светоста на правните принципи“. Најави можна кандидатура на идните претседателски избори во 2024 година, нагласувајќи дека ова е само почеток на неговата мисија. „Во идните месеци ќе споделиме многу нешта и се радувам на продолжението на нашиот заеднички пат кон реализирањето на американската големина“, им порача Трамп на своите приврзаници. И додека неговиот правен тим ја славеше победата во Сенатот, на приватниот имот на Мајкл ван дер Вин, еден од адвокатите на одбраната, се појави графит со навредлива содржина.
„Од суштинска важност е оваа земја да оди напред во единство, оставајќи ги настрана партиските напади и да преземе сè за да имаме правда секој ден од животот“, изјави Мајкл ван дер Вин, адвокат на Трамп.
Постапката за импичмент на 45 претседател беше иницирана во Претставничкиот дом една недела пред Трамп да ја напушти функцијата.
Маја С. Филдишев
