Вакцинацијата почнува во среда
Во земјава вчера пристигна првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на компанијата „Фајзер“ кои се донација од Србија...

Вакцинацијата против Ковид-19 во државава ќе почне в среда. Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Во земјава вчера пристигна првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на компанијата „Фајзер“ кои се донација од Србија.
Вакцините се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија. Вакцините се развиени на безбедни платформи и со нив ќе го спречиме ширењето на Ковид-19. Македонскиот здравствен систем е целосно подготвен за имунизација на населението, информираа од Министерството за здравство.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.
Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
Од Министерството за здравство информираа дека досега се пријавени 4.000 здравствени работници за вакцинација против Ковид-19 од кои околу 2.000 здравствени работници се од Скопје, а останатите се од другите градови.
