Снегот отсече десеттина села во струшко и Дебарца
Десетина села во струшко и во Дебарца се отсечени поради високите наноси од снег. Денеска почна расчистувањето на овие патни правци, а посебен проблем се прекините на снабдувањето со електрична енергија на чија што поправка се работи...

Снегот го парализира струшкиот регион. Најкритично е во селата на Јабланица, каде наврнаа 70 сантиметри снег. Отсечени се десеттина села во областа Малесија. Присовјани, Селце, Буринец, Ржаново, Локов, непроодно е и во Горна Белица. Критично е и во Дебарца отсечени се селата Црвена Вода и Мраморец.
Патиштата се проодни до Вевчани, Лабуништа, Октиси, Луково и Јабланица.
„Во контакт со Македонија пат, од нивна страна имаме информација дека тие во текот на денов ќе почнат со расчистување на тој патен правец бидејќи тој е од трет приоритет и денеска е веќе време да понат да работат таму“, вели Митко Темелкоски од Центарот за управување со кризи.
Во градските средини состојбата е стабилна. Екипите на комуналното претпријатие на Охрид деноноќно се на терен, но поради ниските температури има појава на голомразица.
„Во навистина тешки услови 24 часа наизменично се менуваат и се на терен ние како ЈП ќе останеме максимално се додека има потреба за да се справиме со расчистувањето на овие снежни наноси“, вели Љупчо Грданоски директор на ЈП „Охридски Комуналец“.
Селата во охридскиот регион се потполно проодни. Среќа е што обилните снежни врнежи не предизвикаа прекин во електричната енергија и телекомуникациските врски. Жителите во планинските села се навикнати во зима со денови да се отсечени имаат доволно залихи на храна и лекови.
Екипите на Црвениот крст се на готовс, подготвени да помогнат со достава на потребни намирници или евентуална евакуација на завеани лица. Досега имаа само една интервенција до селото Велестово.
Соња Рилковска
