Регион

Косово: Убедлива победа на „Самоопределување“

15.02.2021 13:22

Партијата „Самоопределување“ на Албин Курти освоила над 48% од гласовите на вчерашните вонредни парламенртарни избори на Косово. Словенечкиот парламент ќе гласа за доверба на владата на Јанша...

Убедлива победа за „Самоопределување“ на Албин Курти на предвремените парламентарни избори во Косово. Со освоени над 48%, главната опозициска партија доби 55 пратенички места од потребните 61 за мнозинство. На второто и третото место се пласираа Демократската партија на Косово, и владеачкиот Демократски сојуз. Лидерот на левичарите најави реформи и борба за правда. Дијалогот со Србија ќе биде петти или шести приоритет на новата влада.

„Овој референдум за правда и вработување и против корпуцијата е освоен. Ова е досега невидено во поствоено Косово“, изјави Курти.

Изборен процес и на Пиринејскиот Полуостров. Викендов се бираше нов парламент и во Каталонија. Социјалистичката партија доби најголема поддршка во автономниот шпански регион. Иако освои најмногу гласови на парламентарните избори, за да биде формирана нова влада ќе мора да влезе во коалиција. Партиите кои се борат за независност од Шпанија добија 74 места во Парламентот. 61 претставник ќе имаат движењата кои се против отцепување на покраината со 7 и пол милиони жители.

Ви реков дека ако ми ги дадете гласовите, ќе ви дадам промена. Јас ќе се борам за формирање влада и за функцијата регионален претседател на Каталонија. Промената станува трајна. Оваа победа е голем чекор напред, но ова е само првиот. Ќе следуваат повеќе“, изјави Салвадор Иља, лидер на Социјалистичката партија.

Владата на Словенија на тест пред Парламентот. Опозиционерите иницираа гласање недоверба за кабинетот на премиерот Јанез Јанша. Незадоволни се од политиката која, според нив, се оддалечувала од либерално-демократското јадро на ЕУ и ги кршела принципите на владеењето на правото. Јанша тврди дека опозицијата ја дестабилизирала Словенија пред почетокот на претседателството со блокот.

Идниот месец, политички одлуки ќе носат и гласачите во Бугарија и Холандија каде што се закажани парламентарни избори.

 

Маја С. Филдишев