Холштајн: Да се хармонизираат односите со Бугарија, Скопје ја заслужи меѓувладината конференција со Брисел

15.02.2021 14:59

Да се хармонизираат билатералните односи на земјава со Република Бугарија, Скопје дефинитивно ја заслужи Меѓувладината конференција со Брисел, изјави на прес- конференцијата во владата германската амбасадорка Анке Холштајн. Според премиерот Заев, набрзо следува средба на шефот на македонската дипломатија Османи со Захариева за акцискиот план...

Акцискиот план за соработка со Бугарија е дефиниран и треба да биде утврден на втората Македонско-бугарска конференција предводена од Османи и Захариева, најави премиерот Заев. Според него, веќе во наредната недела треба да се оствари средба меѓу шефовите на дипломатиите. Нема ништо спорно во Акцискиот план кој, како што рече премиерот, е усогласен на секторско ниво. Засебна е работата на Историско- образовната комисија, и не е заедно со политичките прашања за кои што разговараме со источниот сосед- вели Заев.

Очекувам на таа средба да се дефинира терминот за втората Меѓувладината конференција, првата се одржа 2019, а потоа да бидат усвоени на Влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Македонија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањто на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања, кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро“, изјави премиерот Заев.

Иако за време на своето претседавање со Европскиот совет, Германија не успеа во, како што рече амбасадорката Холштајн, еден од своите врвни приоритети, сепак тие остануваат посветени да ѝ обезбедат на нашата држава почеток на пристапните преговори со Европската унија.

„Ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на можно, конкретно, широко позитивно поставување на агенда. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи“, рече германската амбасадорка Хoлштајн.

Во меѓувреме , шефицата на бугарската дипломатија Захариева не отстапува од позицијата дека Скопје е поблиску до Белград отколку до Софија. Не може меѓу главните градови по коридорот осум да нема железничко поврзување, изјави Захариева во интервју за тамошните медиуми.

Марина Стојанова- Тонева