Снегот го запре нормалното функционирање во главниот град
Снегот го отежна движењето во Скопје. Проблем имаат возилата по споредните улици, а исто така проблем имаат и пешаците, особено по тротоарите. Мразот- причина за повеќе скршеници кај граѓаните...

Снегот што падна викендов го запре нормалното функционирање во главниот град, иако локалните власти велат дека работат на расчистување на повеќе локации. Проблем имаат возилата по споредните улици, а исто така проблем имаат и пешаците, особено по тротоарите.
Работната недела во главниот град почна под отежнати околности, иако беа неопходни два дена и малку повисока температура за да може да се обезбеди послободно движење на луѓето и возилата.
Мразот, сепак, причина за повеќе скршеници кај граѓаните. Во изминативе два дена 65 пациенти се јавиле на преглед поради повреди, велат во градската болница „Свети Наум Охридски“. Се работи за претежно повозрасни пациенти.
Во Црвениот крст велат, викендов нивните тимови волонтери биле на Матка и Водно. Биле пријавени четири загубени лица, по што потрагата по нив успешно завршила. Тунева додава и дека мобилните тимови на Црвениот крст се постојано на терен, им помагаат и на лицата во изолација и заразените од ковид.
Вели дека биле вклучени 500 волонтери кои на терен опслужиле повеќе од 34 илјади семејства. Засега бројот на барањата помош за доставување намирници е намален, но е зголемен на оние за психолошка поддршка по прележување на вирусот.
Ана Јосифоска- Тодоровска
