Прилеп: Плетвар прооден, ќе се чисти и патот за Мариово

15.02.2021 15:25

Главните регионални патишта во прилепско се проодни и без проблеми, заедно со превојот Плетвар каде е укината забраната за тешките товарни возила без зимска опрема. Ќе се чисти и патот за Мариово. Денеска дел ученици од регионалното училиште во Тополчани од настава со физичко присуство, преминаа на онлајн. Утре треба сите да бидат во училишните клупи...

Главните регионални патишта во Пелагониско се проодни за сите видови возила и нема проблеми, велат од секцијата на „Македонија пат“. На патниот превој Плетвар укината е забраната за тешките товарни возила без зимска опрема, што беше проблем за големите превозници. Има доволно материјал и опрема да се одржуваат патиштата.

Но, снегот им направи проблем на некои превозници. Три дена Сканија кај Плетвар е заглавена и се обидува да се извлече од дефектите и да ја продолжи дестинацијата.

Ќе се расчистува патот за Мариово. Проблемите со снегот ги почувствуваа и во регионалното училиште во Тополчани. Преку 180 ученици од 12-ина села посетуваат настава со физичко присуство, но денеска за 50-ина од нив наставата се префрли онлајн, од дома. Очекуваат утре сите да стигнат во училишните клупи.

Граѓаните, пак, очекуваат покрај сообраќајниците, да се исчистат тротоарите и плоштадите.

 

Елизабета Митреска