Голем интерес за вакцинација во тетовско

15.02.2021 15:48

Здравствениот дом и Клиничката болница во Тетово подготвени за имунизација. Интересот на здравствените работници за вакцинација која ќе се врши на два пункта во Тетово и два во руралните општини е голем. Први ќе се вакцинираат тие што се на црвената линија во секојдневен директен контакт со ковид пациенти.

Речиси сите здравствените работници од Клиничката болница Тетово кои работаат со ковид пациенти се пријавени за вакцинација, покажала анкетата направена од Министерството за здравство за имунизација на болничкиот персонал. Интересот од Здравствениот дом е малку помал, но се очекува да се зголеми откако ќе стартува вакцинацијата.

Приоритет за вакцинација ќе имаат сите здравствени работници кои работаат со инфицирани пациенти. Од Ковид- центарот при Клиничката болница во Тетово, велат дека од почетокот на пандемијата над 90 од нивниот персонал бил заразен со коронавирус.

Има и други одделенија со висока бројка на инфицирани. За нив, како и за останатиот персонал кои прележал Ковид-19, ќе има посебни протоколи кога ќе треба да ја примат вакцината.

Вакцинацијата во Тетово која се очекува да стартува од среда, првично ќе се спроведува во два пункта, во Здравствениот дом и во зградата на Монопол.

 

Зоран Димовски