Покрај Шведска, „Зоки Поки” ќе се емитува и во Норвешка

16.02.2021 11:02

По најавата за емитувањето во Шведска, на детскиот канал на јавниот сервис, пристига и најава за емитување во Норвешка, на Норвешката национална телевизија НРК.

Детската телевизиска серија „Зоки Поки“ продолжува да ја освојува Скандинавија. По најавата за емитувањето во Шведска, на детскиот канал на јавниот сервис, пристига и најава за емитување во Норвешка, на Норвешката национална телевизија НРК.

НРК е јавен сервис, но и најгледаната телевизија во Норвешка. Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За „Зоки Поки“, тоа значи потенцијал за особено широка гледаност. Претстојното емитување на „Зоки Поки“ во Шведска и Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега, немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија.

Заслугата за емитувањето во овие две земји е на дистрибутерот „Видеоплагер“ од Лондон, кои го препознаваа интернационалниот потенцијал на серијата.

„Многу сум возбуден што ʻЗоки Покиʼ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите кои ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет. Емитувањето на ʻЗоки Покиʼ на НРК е огромен успех за мојата продукција и за македонската кинематографија“, вели продуцентот Роберт Насков.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.